Влезот на Македонија во НАТО ќе значи уште посилен импулс за бизнисот, поради што и очекувањата за побогата и поинтезивна соработка се сѐ пореални, како и продолжување на инвестицискиот циклус, помеѓу Обединетото Кралство и Македонија, заклучиле на денешната средба министерот за економија Крешник Бектеши со амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј.

– Бектеши и Галовеј се осврнаа на претстојниот важен период на преговори на Република Македонија со ЕК по определените поглавја, особено оние каде носител е Министерството за економија, при што беше изразена силна поддршка од страна на Обединетото Кралство за што поуспешна реализација во овој дел со што за република Македонија ќе се отворат нови можности за економски развој на државата и за можност за користење на експертски искуства, соопшти Министерството за економија.

Посакувајќи ѝ успешна работа во Македонија, министерот Бектеши се осврнал на економската соработка и континуираниот раст во билатерална трговска размена меѓу Република Македонија и Велика Британија.

– Ако минатата година е остварен раст од 9,1 процент, при што извозот е зголемен за 31,6 проценти, а увозот за 7,3 проценти, растот е уште позначаен во периодот јануари-август годинава и изнесува 19,3 проценти во делот на билатералната трговска размена, при што извозот се зголемил дури за 71,9 проценти, а увозот за 14,2 проценти. Министерот Бектеши изрази задоволство и од инвестициските активности од Велика Британија во Република Македонија, со очекувања дека во наредниот период тие ќе се интензивираат, се вели во соопштението.

Министерот Бектеши информирал за напредокот во енергетскиот сектор со новиот Закон и Стратегијата за енергетика, при што во фаза на изработка се подзаконските акти кои произлегуваат од законот, со што се отвара патот за инвестициски проекти во обновливите извори на енергија, особено во делот на фотоволтаици.

Со Галовеј размениле искуства и за образовните реформи и сѐ понагласената потреба за поголема поврзаност на универзитетите, особено техничките факултети со бизнисот, како и поддршка во обезбедување на директен тренинг на студентите во компаниите.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2018 15:11