Сè што постои како културно наследство, без оглед на архитектурата и периодот, е изградено од вар. Но денес како градежен материјал се користи цементот. За да се афирмира и врати неговото некогашно значење како основен градежен материјал при реставрацијата на објекти и споменици од културата, Националниот комитет на ИКОМОС денеска органиизраше стручен форум за претставници од установи, факултети и компании.

Претседателот на македонскиот ИКОМОС (Интернационален совет на споменици и локалитети), советник конзерватор Лазар Шуманов, рече дека се обидуваат да ја рехабилитираат употребата на варовиот малтер при конзервација-реставрација и зајакнувањето на недвижното културно наследство. Притоа, рече, треба да се прифатат компатибилните материјали и методи.

-Сè е изградено од вар, но сега не се користи вар, туку продолжен малтер кој, всушност, е додаток на цемент. Затоа ги нудиме композитните материјали кои се нови на база на вар. Тие се поскапи, но не многу, туку секогаш има реакција кон нешто ново и непознато. Индустриски се произведуваат и се прифатени и се употребуваат во целиот свет, рече Шуманов. Како пример за нивна примена во Македонија спомна објекти од профана и од сакрална архитектура што ги реставрира Турската агенција за развој и соработка-ТИКА.

На форумот беа претставени композитните материјали кои ги произведува италијанската фирма МАПЕИ, која постои од 1937 година. Според претставниците на компанијата, ако зборот реставрација значи враќање во првобитната состојба, тогаш тоа треба да биде вар.

Красимир Вузгенчев, претставник на МАПЕИ од Бугарија, изјави дека имаат добра соработка со ИКОМОС Македонија и нивни материјали веќе се применети на некои објекти од културата.

-Треба да се бориме и да ги едуцираме луѓето за предноста на новите материјали на база на вар, зашто во минатото варта била основен градежен материјал и треба да има место во реставрацијата. Бидејќи и оригиналните градби биле од вар. Варта лесно ја прима и испушта влагата и затоа е поеколошки материјал и пријател со животната средина, рече Вузгенчев.

Покрај презентации на материјали, ИКОМОС-Македонија организира и работилници за стари вештини во реставрирањето. Шуманов соопшти дека неодамна во село Вранештица имале работилница за едукација за изработка на архитектонска керамика со цел, како што рече, живите мајстори на тој занает да го пренесат своето знаење.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2018 18:43