Новиот состав на Советот за култура на министерот за култура Асаф Адеми вчера одржал прва средба, соопшти ресорното Министерство.
Претседател на ова стручно советодавно тело на министерот е професор Исмаил Барди. За членови на Советот се избрани: Ѓунер Исмаил, професор по филозофија; проф. д-р Мирослав Грчев, редовен професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ; Петар Арсовски, дипломиран актер; проф. д-р Владимир Милчин, професор на Факултетот за драмски уметности при УКИМ (во пензија); м-р Весна Илкова-Гиновска, вонреден професор на Факултетот за музичка уметност при УКИМ и првенец при Операта на МОБ; Зоја Бузалковска, професор на Факултетот за драмски уметности при УКИМ; Ариф Зибери, уметник музичар; Антон Серечи, новинар публицист; Ромир Имами, уметник; Али Пајазити, професор по филозофија; Неџбедин Бајрами, филолог; Мируше Хоџа, филолог; д-р Александар Прокопиев, професор по компаративна книжевност и Јован Балов, ликовен уметник.
Членовите на Советот, кои ги именува министерот за култура, се истакнати уметници, стручни лица од областа на културата и од јавниот и општествениот живот. Како што соопшти Министерството, тие се избираат по принципот на компетентност и на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Според Законот за културата, улогата на Советот е да му дава мислења на министерот од неговата законска надлежност. Советот се свикува по барање на министерот, а мандатот на членовите трае колку и мандатот на министерот.