Владата го најави воведувањето на прогресивното оданочување, реформа која беше дел од предизборните ветувања, а со која сака да ја исправи социјалната неправда и да овозможи секој граѓанин да има еднаква шанса и можности за подобар живот. Во 2017 година најдоходовните еден процент луѓе во Македонија заработувале во просек по 4.486 евра месечно што е за 14,4 пати повеќе од просечниот доход на граѓаните во земјата со што Македонија е на прво место во Европа по социјална нееднаквост.

За прогресивен данок, како праг на одданочување ќе се зема приходот од 90 илјади денари за што ќе се плаќа дополнителен данок од осум проценти. Со дополнителни осум отсто или вкупно 18 проценти ќе се оданочува сумата над утврдениот праг.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на заедничката прес-конференција во Владата со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, образложувајќи ги даночните реформи појасни дека за мнозинството граѓани данокот на доход ќе остане ист, додека околу еден процент од населението кое зема поголеми приходи од 90 илјади денари ќе плаќа данок на доход од дополнителни осум проценти.

– Прагот од 90.000 денари го избравме затоа што ги опфаќа најдоходовните еден процент од населението во Македонија. Најдоходовните во Македонија имаат вкупна ефективна даночна стапка која е пониска од онаа на останатите и ова не е праведно – тие кои добиваат најмногу од општеството, да плаќаат најмалку, рече Тевдовски.

Тој посочи дека преку напуштање на политиките на рамен данок и воведување на прогресивно праведно даночење во буџетската 2019 година се планира да се соберат околу 25 милиони евра во буџетот со кои ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата, односно за спроведување на минималниот гарантиран приход со кој ќе се извлекуваат луѓето од сиромаштија и ќе се активираат на пазарот на трудот.

-Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот. Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани, истакна Тевдовски.

Додаде дека праведното одданочување е пракса во успешните економии во светот и оти доминира во Европа и САД. Од нашите соседи, Албанија го има заменето рамниот со прогресивен данок уште во 2014 година и остварува успешени резултати.

Покрај ова се зголемува и основицата за даночното ослободување на платите и пензиите од сегашните 7.500 на 8.000 денари. Со тоа, како што рече Тевдовски, се намалува ефективната даночна стапка за оние граѓани со помали примања.

Министерката Царовска на заедничка прес-конференција во Владата со министерот Тевдовски ги презентираше реформите во пензискиот систем кои треба да овозможат праведна и стабилна исплата на пензиите и негова долгорочна одржливост за 50 години од денеска. Нагласи дека со предложената реформа нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите.

Со мерките треба да се решава дефицитот во ПИОМ, кој во последните 10 години е зголемен за 150 проценти и изнесува повеќе од 19 милијарди денари. Ова, како што рече, се должи на примената на политики кои се засноваа на ослободување од придонеси („Македонија вработува 1“ и „Македонија вработува 2“) како последица на што имаше намалување на придонесите кои не се вклучија во пензискиот систем, а имаше и ад хок зголемувања на пензиите кои беа нереални. Со примена на предложените мерки за една година се очекува дефицитот да биде намален од 19 милијарди денари на 16,9 милијарди денари.

– Имаме минимална корекција на придонесот од 0,5 проценти, втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во вториот столб од пензискиот систем, а тоа е денот и годината на раѓање. Сите оние коишто се родени до 1.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб. Со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Исто така, ќе може сите оние кои користат бенефициран стаж да се вратат и да користат пензија само од прв столб. Во моментов во таква ситуација се вработените во МВР и во МО, што ги става во поповолна положба. Но, најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние кои имаат бенефициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си добијат поповолни пензии, рече Царовска.

Додаде дека се зголемува и процентот на пресметка на пензии во двостолбниот систем. За мажи процентот се зголемува од сегашните 0,75 на 1 процент, а за жени од 0,86 на 1,14 проценти.

– Ако по денешниот систем оние што се во двостолбен систем се пензионираат ќе добијат максимални 30 проценти од платата. Со новиот систем којшто го воведуваме ќе добијат 40 проценти од максималната плата, што значи поповолни пензии и стабилна исплата на пензии за идните пензионери, рече Царовска.

Се воведува и државната социјална пензија која според нивните проценки ќе може да ја користат околу 6.000 граѓани коишто имаат 65 години возраст, 15 години живеалиште во Република Македонија и еден ден стаж. Висината на оваа пензија ќе изнесува 40 проценти од просечната исплатена пензија во Република Македонија или околу 5.800 денари.

Новина која се воведува е и воспоставување единствен регистар на социјални осигуреници со цел полесно следење на сите политики кои се имплементираат и кои и во иднина ќе се спроведуваат, а се поврзани со здравственото и социјалното осигурување во Македонија да се базираат на докази и факти. Овој проект се спроведува во соработка со Светска банка и треба да почне да се применува од почетокот на наредната година.

Опозицијата против промената на рамниот данок и воведувањето на прогресивна даночна стапка

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавата за зголемување на даноците во Република Македонија и покрај сите укажувања од страна на јавноста, на бизнис заедницата и на граѓаните дека тоа во овој момент за Република Македонија е погрешна мерка.

Трајко Славески, поранешен министер за финансии и член на раководството на партијата, вчера потсети на укажувањата на сите стопански комори во Република Македонија кои што на почетокот на септември упатиле писмено барање за одложување за најмалку пет години на зголемување на даноците во земјата укажувајќи на крајно штетните последици што тоа ќе ги предизвика за бизнис секторот. Според него, зголемените даноци, значат и зголемена евазија и засилување на одливот на мозоци, на што, вели, укажале компаниите од информатичките технологии преку нивната асоцијација МАСИТ.

-СДСМ застана наспроти укажувањата на бизнис заедницата, укажувањата на граѓаните, укажувањата на младите професионалци во Република Македонија кои што доколку ова навистина се оствари а најверојатно намерата е да се реализира затоа што Министерството за финансии најверојатно ги има вградено овие мерки во Предлог – Буџетот за 2019 година, значи сето тоа ќе придонесе младите кадри да ја напуштаат и понатаму Република Македонија, вели Славески и посочи дека рамен данок се применува во над 20 европски земји, вклучувајќи ги Бугарија и Романија.

Како козметички ги оцени најавените мерки за реформа во системот на социјална заштита и во пензискиот систем во Република Македонија предложени од Министерството за труд и социјална политика, предводено од Мила Царовска.

– За пензискиот систем се најавуваат козметички промени. Ние очекуваме дека нешто радикално ќе се предложи затоа што таму состојбите навистина се алармантни со големиот дефицит во фондот на пензиско осигурување. Се оди со повторно зголемување на стапката на придонесот од 0,4 отсто осигурување што од друга страна ќе значи зголемување на трошоците дополнително за работна сила. И некои козметички промени за кои нема значително да ја подобрат состојбата во пензискиот систем и останува некоја идна влада да бара решенија кои ќе бидат трајни, вели Славески без да коментира како настанал дефицитот во пензискиот фонд.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2018 10:17