На сцената на Националната установа Центар за култура, Крива Паланка, синоќа продефилираа околу сто и педесет млади играорци, учесници на детскиот фолклорен концерт.
Учествуваа најмладите членови од Културно-уметничкото друштво „8 Октомври”, кое работи во рамките на НУЦК, Крива Паланка и Ансамблот за фолклор „Плетенка”, Битола.
-Интересно е што на овој концерт настапија дечиња, играорци до петнаесет години, а некои со само пет или седум години, дел од нив вежбаат неполни два месеци и за прв пат настапиjа пред публика, во народни носии. Учесниците се претставија со кореографиите: песни и игри од Источна Македонија, Егејска Македонија,сплет игри од Пиринска Македонија,Бувчанско оро, изјави Мира Ѓоргиевска, директорка на НУЦК Крива Паланка.
Истакна дека концертот е мотивација за најмладите играорци да напредуваат во совладување на кореографиите.
-Целта е дечињата да другаруваат и да ги негуваат позитивните вредности од народната традиција, да развиваме здрава младина во општината, далеку од современите пороци, додаде Ѓоргиевска.
Гостувањето на децата од Ансамбл „Плетенка” е резултат на воспоставената соработка меѓу двете фолклорни друштва,летово, на гостување на „8 Октомври” во Битола.