Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчево на 9 и 10 ноември ќе ја претставува Република Македонија на 18. „Етно Глас” фестивал во Панчево, Република Србија. Како што информира Перса Стојановска, секретар на ЗФГ „Копачка” фестивалот е вистинско место за прикажување на изворниот пијанечки фолкор.
-Централно место во рамки на нашиот настап зазема националното и светско културно наследство, орото „Копачката“, заштитено од УНЕСКО со впишувањето во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото. Ние во својство на негови носители се надеваме дека на тамошната публика ќе им го пренесеме во најдобро светло, истакна Стојановска.
Настапот во Панчево ќе биде своевидна подготовка за големиот јубилеј на фолклорната група „Копачка” која оваа година одбележува 70 години од своето постоење. Јубилејот ќе биде крунисан со заедничка прослава која на 20-21 ноември ќе се одржи во селото Драмче.
Гостувањето на фолклорната група „Копачка” во Панчево се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на РМ и Општина Делчево.