Со воведувањето на праведен, прогресивен данок во Македонија ќе се обезбедат дополнителни средства за воведување на минимален гарантиран приход. Со ова, најдоходовните граѓани ќе им помогнат на ранливите категории на граѓани, се наведува во денешното соопштение од Министерството за финансии.
Оттаму појаснуваат дека најдоховните еден отсто граѓани имаат вкупна ефективна даночна стапка која е пониска од онаа на останатите граѓани. Затоа, прагот за прогресивното оданочување е поставен за да ја опфати токму оваа група граѓани.
– Предлагаме воведување дополнителна стапка од 8 отсто за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10 отсто како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8 отсто, истакнува Министерството за финансии.
На пример, како што објасни на прес-конференцијата за даночната реформа министерот за финансии, Драган Тевдовски, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10 отсто, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18 отсто. Со ова, за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста, 10 отсто.
Дополнително, како што велат од Министерството за финансии, се предлага зголемување на даночното ослободување кај платите и пензиите. Делот на кој не се плаќа данок би се поставил на 8000 денари. Со тоа се намалува ефективната даночна стапка за лицата што остваруваат доход од плати и пензии, особено оние со ниски примања.
– Со воведувањето на прогресивниот данок и минималниот гарантиран приход, ќе се намали јазот помеѓу најсиромашните и најдоходовните граѓани, велат од ресорното Министерство.
Дополнително, како што посочуваат, се предлага различен третман за доходот од труд и доходот од капитал. За доходот од труд, се предлага дополнителна стапка од осум отсто за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Најголемиот дел од граѓаните живеат од својот труд, при што најголем дел од нив имаат доход под 90.000 денари. За доходот од капитал, пак, се предлага единствена даночна стапка од 15 отсто. Најголем дел од овој доход (имот и дивиденди) завршува кај најдоходовните 1 отсто, и оваа категорија граѓани остварува поголем дел од својот доход од капитал, отколку од труд.
Дополнителни материјали може да се најдат на следниот линк: – Анализа за даночната реформа .