Играта во одбраната во второто полувреме беше пресудна за петта радост на Вардар во ракометната Лига на шампиони. „Црвено-црните“ попладнево во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа Мешков Брест со 30:23 (полувреме 14:14) во шестото коло и барем на 24 часа го презедоа врвот на табелата во групата А.
– Типичен пример на натпревар кој отсликува колку е тешко да се игра во Лигата на шампионите. Мешков покажа дека заслужува респект со цврстата одбрана и одличниот напад. Среќни сме што на крајот, сепак, успеавме да победиме. Клучна беше нашата игра во одбрана што беше подобра во второто полувреме, рече вардаровиот тренер, Роберто Гарсија Парондо по мечот со ривалот кој минатиот викенд триумфираше над „црвено-црните“ со 35:20 во СЕХА лигата.