Сите рудници за метали минатата година уплатиле во буџетот 4,95 милиони евра за концесија, што е само 2,74 отсто од нивните вкупни приходи.
Овој податок е добиен од истражувањето кое Здружението за развој, едукација и еколошка етика „Полимат 13“ од Богданци го спроведе во рамките на проектот „Ефекти и влијанија од рудниците за метали во Република Македонија“.
Во истражувањето е констатирано дека споредено со претходните две години (2015 и 2016) може да се забележи зголемување на приходите во буџетот од концесиите за металични суровини.
Во рамките на проектот е креирана база на отворени податоци како основа за поддршка на активности на граѓанските организации и веродостоен ресурс за истражувачките новинари.
-Базата на податоци опфаќа вкупно 10 концесионери со 12 активни концесии за ископување на металични минерални суровини, добиени од Министерството за економија. Притоа, може да се види називот на концесионерот, за каква суровина има добиено концесија од државата, на кој локалитет и во која општина се наоѓа. Базата на податоци овозможува да се провери колкав е уплатениот надоместок од секој концесионер поединечно, за последните три години, истакна Дејан Маџиров од Здружението „Полимат 13“ од Богданци.
Резултатите од истражувањето беа презентирани денес во Струмица, а беше промовирана и базата на отворени податоци.
Проектот е спроведен со помош на грант доделен преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“ што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, НВО Инфоцентар и БИРН Македонија со финансиска поддршка од Европската Унија.