Иницијативата за воведување прогресивен данок е исклучително добра, фер и праведна и ќе гарантира фер и праведно општество за сите, оцени денеска премиерот Зоран Заев.

Според него, оваа иницијатива ќе придонесе да има праведно општество во Македонија, бидејќи парите од побогатите ќе се вратат кај најсиромашните и најзагрозените.

– За воведување на прогресивен данок имаше дебата уште од денот кога е создадена оваа Влада што е претежно левичарска и сака да гради фер и праведно општество за сите. Со прогресивниот данок ќе бидат опфатени само најбогатите, односно околу еден отсто од граѓаните за кои ќе има оданочување од дополнителни осум отсто за приходите над 90.000 денари со што ќе се обезбедат дополнителни околу 25 милиони евра во Буџетот, рече Заев во одговор на прашање по денешното потпишување договори за реализација на повеќе инвестиции во АД МЕПСО.

Тој нагласи дека со мерката нема да биде опфатен дури ни премиерот кој има приход од 87.000 денари, како ни младите ИТ-стручњаци и инженери чии приходи најчесто се околу илјада евра.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев посочи дека со воведувњето на прогресивниот данок нема да се зададе никаков удар на економијата, бидејќи, како што кажа, речиси ниту еден данок не се зголемува со исклучок на пресоналниот за најбогатите еден отсто на кои, како што кажа, припаѓа и тој.

Мерката ја оцени како апсолутно праведна и додаде дека прагот е определен по направените анализи во Министерството за финансии и оти со овој праг е зачуван интересот на младите интелектуалци во земјава.

Како што посочи премиерот Заев, за луѓе со приходи од сто илјади денари ќе значи оданочување на разликата од 90 до 100 илјади денари, односно оданочување со осум отсто на 10 илјади денари или 800 денари повеќе данок месечно од досега.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 11:37