Една третина од индустриското јаболко е откупено по воведувањето на новата интервентна субвенција за производителите на јаболка која предивудва оние кои ќе го предадат своето производство кај регистрирани откупувачи кои вршат извоз, да добијат субвенција од три денари за килограм предадени јаболка.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека Владата ја донесе оваа одлука со цел да им се излезе во пресрет на производителите на јаболка, особено во преспанскиот регион, кои претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди, поради што има оштетување на родот што директно влијае на економската вредност на јаболкото.
Оттаму додават дека дополнително, во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување овошни насади за земјоделците со развоен потенцијал. За реконструкција кај овошните насади, особено кај јаболката за промена на асортимент, е воведена нова поголема субвенција од 9.900 денари. За промена на производство од житни во овошни култури, земјоделците ќе добијат 30 отсто повисока субвенција по хектар. Оваа година субвенцијата за предадено овошје во преработувачки капацитети за овошје е зголемена од два на три денари за килограм. Последната интервентна мерка, петта, што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја носи за овоштарството.
Паралелно, како што соопштуваат, МЗШВ заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој работи и на создавање услови за ефикасна искористеност на мерките од ИПАРД 2 Програмата, што вклучуваат инвестиции во преработувачки капацитети. Според МЗШВ инвестирањето во преработувачките капацитети е важно за сигурен и непречен откуп на јаболката и заокружување на производството со финални производи со поголема додадена вредност.
Само за еден повик за ИПАРД 2 во кои спаѓаат и мерките за преработувачки капацитети има склучено 937 договори со вредност од 16,4 милиони евра.