Во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во тек се подготовките за претставата „Демократија“ според текстот на Јосиф Бродски во режија на Кирил Петрески.
Бродски е руски поет-нобеловец и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Според режисерот Петрески, станува збор за неговото единствено драмско дело, пишувано во бурната 1989 година.
– Тоа е времето на уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија, распаѓањето на Варшавскиот пакт и почетокот на распадот на Советскиот Сојуз. Иако драмата ја пишува во емиграција во САД, каде заминува прогонет од советскиот комунистички режим во 1971 година, Бродски со хируршка прецизност ги опишува состојбите. Поради неговото визионерство, ова негово драмско дело допира до нашето време со истата „свежина“ и актуелност како да е пишувано вчера. „Демократија“ е политичка гротеска за една измислена земја и измислени ликови, но со реални проблеми кои се совпаѓаат со проблемите на повеќето земји од Источна Европа или на Западен Балкан, вели Петрески.
Во претставата настапуваат Марјан Чакмакоски, Димитар Георгиевски, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски и Димитрина Мицкоска. Сценограф е Зоран Николовски, за музиката е задолжен Марјан Неќак, а за костимите Розе Трајчевска. Претставата се очекува да биде готова до крајот на годинава.