Околу 35 отсто повисоки трошоци за плати и 50 проценти повеќе за другите давачки ќе предизвика прогресивното оданочување што го најави Владата, покажале првичните пресметки на некои од компаниите – членки на Стопанската комора на Македонија.

Како што соопшти претседателот на Комората Бранко Азески пред денешната вонредна седница на Управниот одбор, секое ново оптоварување на фирмите ја намалува нивната конкурентност.

Министерот Тевдовски на заедничката прес-конференција со Азески, го повтори ставот дека целта на новата владина мерка е правично оданочување како чекор напред кон градење поправедно општество, јакнење на јавното образование, јавното здравство, социјалата,…, обезбедување повисоки плати и зголемување на животниот стандард. Подвлече и дека никој не треба да има дилема околу трошењето на јавните пари, алудирајќи на дополнителните средства што би требало да се соберат од новата владина мерка.

Тевдовски не прецизира дали се можни какви било отстапки од сегашното предлог-решение. Рече дека детали ќе бидат соопштени по состанокот, откако ќе се ислушаат барањата и предлозите на стопанствениците.

– Ние не сме против зголемување на животниот стандард, но сметаме дека тоа треба да се направи на двонасочна и рамноправна основа, потенцира Азески.

Според Тевдовски, во развиените, просперитетни земји дури се бараат уште повисоки даноци за најмоќните, најбогатите граѓани за да се обезбедат што повеќе пари за здравство, образование, подобри услуги,…

-Нашата идеја е слична, да се побара поддршка од Комората за ова. Ако не правиме корективни мерки, децата можеби ќе имаат полоши услови од нивните родители. Со плата како министер не можам да обезбедам моите деца да одат во приватно школо, а што е со огромниот број луѓе кои имаат многу пониска плата од министерската. Тоа значи дека мора да воведеме праведно оданочување за идните генерации да имаат повисок животен стандард. Го слушнавме гласот на народот, на бизнисмените, затоа и прагот го зголемивме и е поставен кај прогресијата на еден процент од луѓето со највисок доход, рече министерот.

Одговорајќи на новинарски прашања, Азески истакна дека во однос на прогресивното оданочување мора да се земе предвид и присуството на странските компании во земјава, вкупно 154, односно нивниот став и размислување за ефектот од ваквата мерка.

Прашан дали ќе поднесе оставка ако ваквото владино решение не добие поддршка, Тевдовски нагласи дека е убеден во неговата успешност.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 14:31