Информацијата за иницијативата за воспоставување Заеднички економски Управен комитет меѓу Република Македонија и Сојузната Република Германија беше усвоена на денешната владина седница.
Како што соопшти владината прес-служба, постојан претседавач на комитетот ќе биде вицепремиерот за економски прашања и координација на економски ресори Кочо Анѓушев, а министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде постојан копретседавач.
-На Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори, Комората на Северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) им се препорачува во рок од пет дена до Кабинетот на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања да достават предлог за постојан копретседавач на Заедничкиот економски Управен комитет. Свои претставници во комитетот треба да номинираат и министерствата за надворешни работи и за финансии, се вели во соопштението.
Владата на својата редовна 101-ва седница ја усвои и информацијата за набавка, користење и одржување на монтажни лизгалишта во Република Македонија. Агенцијата за млади и спорт е задолжена да обезбеди пет монтажни лизгалишта и согласно Законот за јавни набавки да спроведе за нив постапка за јавна набавка, како и да подготви интерен акт во врска со условите, користење и одржување на монтажните лизгалишта од страна на корисниците.