Стопанската комора на Македонија останува на ставот дека треба да се одложи воведувањето на прогресивното оданочување. Смета дека на таа реформа треба да и претходат широки консултации, а во државниот Буџет да се обезбедат дополнителни средства првенствено со рационализација на расходите.

– Најсоодветен начин за уредување на прашањето за обезбедување дополнителни средства во Буџетот на Македонија во насока на обезбедување подобар квалитет на јавните услуги е прво да се искористат сите расположливи можности за рационализација на расходите, а пред сé рационализација на процесите на државната администрација, пред да се пристапи кон воведување поголеми обврски за субјектите во системот и поголемо даночно зафаќање, особено ако се има предвид континуираниот тренд на раст на сите даночни приходи во буџетот во периодот 2005-2017 година, заклучи на денешната седница Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, во проширен состав, а на која присуствувал и министерот за финансии Драган Тевдовски.

Во соопштение по седницата комората посочи на искуствата кои, покажуваат оти системски промени од ваков вид треба да бидат најавени и усвоени многу претходно во текот на календарската година, во партнерски однос, преку усогласување со најзначајниот партнер од деловниот сектор, за да можат субјектите навреме да го усогласат своето работење. Во конкретниот случај, наведува Стопанста комора на Македонија, предложената даночна реформа е презентирана на почетокот на ноември, на помалку од 60 дена до започнувањето на новата фискална и даночна година, во време кога голем број од деловните субјекти веќе ги имаат утврдено финансиските планови за следната година, што има сериозни импликации врз предвидливоста и стабилноста на деловното опкружување.

Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија смета дека најдобриот начин за усогласување на ставовите по однос на ова прашање е барањето доставено до Владата во септември годинава во рамки на проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, кој се спроведува со поддршка наАамериканската агенција за меѓународен развој УСАИД. Во поднесеното барање, четирите комори во државата заеднички побараа одложување на реформата за воведување прогресивно оданочување. При тоа, како што соопштува комората, посочениот период треба да биде искористен за спроведување широки консултации со сите засегнати страни, вклучувајќи ја и бизнис заедницата, во насока на согледување не само каков ќе биде планираниот ефект врз приходната страна на буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз севкупното деловно опкружување и продуктивноста на македонската економија.

– Стопанската комора на Македонија никогаш, па ниту сега не е против вложувањата во унапредувањето на социјалниот, образовниот и здравствениот систем. Напротив, секогаш силно ги поддржува ваквите активности и е социјален партнер во нив. Сепак, мислиме дека предложените мерки подобро би се имплементирале доколку предлагачот ги земе предвид предлозите и мислењата на бизнис заедницата, стои во соопштението по седницата на УП на Стопанската комора на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 21:25