Вардар по триумфот против Нексе од 31 : 26 (16 : 12) се врати на победничката патека во регионалната СЕХА Газпром лига, прекинувајќи ја низата од двата претходни порази на гостувањата кај ППД Загреб и кај Мешков Брест. Трите победнички бода на црвено – црните им беа потребни за да се вратат на второто место од табелата зад ППД Загреб, при што се израмнија со по 18 бода со Нексе.

Во СЦ „Јане Сандански" актуелниот регионален шампион и четирикратниот победник на СЕХА лигата стартуваше со комбиниран тим, составен од ракометари кои вообичаено не се дел од почетниот состав.

Дозирано и осмислено, тренерот Роберто Парондо им даде можност на сите да се загреат пред претстојниот меч од ЕХФ Лигата на шампиони на домашен терен, против Барселона, а при тоа да не ги измори главните адути за претстојниот дуел. Од другата страна, пак и ракометарите на Нексе покажаа дека напредувале во сериозен противник, но сѐ уште без доволно искуство сериозно да ги препотат вардарци.

Домаќините не дозволија да бидат изненадени. Од почетокот имаа контрола врз резултатот. По 11 минута успеавме да се одвоиме со два гола предност (5 – 3), а потоа постепено оваа разлика се зголеми. Константно се одржуваше предност, при што најголемата разлика што ја постигнавме беше 5 гола. Нексе трпеливо ја чекаше шансата да возврати, и во повеќе наврати се приближуваше до еден гол негатива, но екипата не смогна сили да го надигра Вардар.

Првите 30 минути поминаа во знакот на одбраните на Дејан Милосављев, кој извлече воодушевување со трите врзани одбрани, а во вториот дел од мечот Калифа Гедбан кога Нексе ни се приближи со негатива од само еден гол, нѝ ја обезбеди потребната заштита за убедлива победа.

Младиот Кристијан Дисингер на мечот дебитираше во СЕХА лигата со три постигнати гола. Од редовите на Вардар Тимур Дибиров и Мартин Поповски постигнаа по 5 гола.

Вардар успешно го помина тестот пред натпреварот со Барселона што се игра в недела од 17 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2018 00:46