Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ, денеска се обрати на Меѓународната конференција „Европска интеграција низ перспективата на соработка меѓу граѓанските здруженија и локалните власти“, на панелот „Со партнерство до подобар економски и социјален развој“.

На панелот, како што соошти Кабинетот на министерот без ресор, се дискутираше за процесот на децентрализација во Република Македонија кој започнува во 1995 година со донесување на Законот за локална самоуправа, потоа ратификацијата на Европската повелба за локална самоуправа, и останатите подзаконски акти.

Шапуриќ напомена дека некои од единиците на локалната самоуправа се соочуваат со недостиг од финансиски средства и оти Владата обезбедува поддршка за локалните самоуправи и ќе продолжи да ги поддржува нивните проекти.

Истакна дека Владата усвои Предлог-закон за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа со кој ќе се подмират делумно од долгогодишно наназад натрупаните доспеани, а неплатени обврски.

– Општините и Градот Скопје согласно своите надлежности, може да влијаат како директно така и индиректно врз локалниот економски и социјален развој. Владата ги поддржува овие напори и активно учествува во создавањето на услови за водење на бизнис, создавање економско опкружување што ќе отвора можности за креирање нови работни места, како и создавање услови за градење вештини и работна сила согласно потребите на пазарот на труд. Исто така, Владата во континуитет демонстрира заложби за подобрување на локалната бизнис клима, обезбедува директна поддршка кон локалниот и регионалниот рамномерен економски развој преку отворањето на технолошко-индустриските развојни зони, и преку поддршката на локалните самоуправи во изградба и функционирање на индустриските зони, рече Шапуриќ.

Министерот Шапуриќ изрази задоволство од соработката што ја остварил во изминатиот период со голем број градоначалници во промоција на мерките од Планот за економски раст на Владата пред локалните производни компании, односно запознавање со можностите и поволностите кои ги нуди Законот за финансиска поддршка на инвестициите, која соработка, преку заеднички активности би продолжила и во иднина.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2018 11:05