Вардар го совлада Нексе со 31:26 синоќа во натпревар од осмото коло во регионалната ракометна СЕХА лига и со новите три боде се врати на патот кон Ф4 турнирот од регионалната лига. Тренерот Роберто Парондо потенцираше дека најважно за „црвено-црните“ е што победиле, иако не с е претставила во најдобро светло.
– Најважното е што победивме и освоивме значајни бодови. Не беше ова наш најдобар меч сезонава. Не е лесно да се игра натпревар со незгоден тим како Нексе, особено по тешкиот дуел со Брест Мешков, а пред Барселона, рече Парондо.
Десното крило Иван Чупиќ верува дека во следниот период Вардар ќе биде уште подобар.
– На ваквите мечови искуството доаѓа до израз и тоа го одлучува исходот. Мораме да продолжиме со работа и сигурен сум дека ќе бидеме далеку подобри како ќе поминува времето, вели Чупиќ.
На следниот натпревар во СЕХА, на 28 ноември, Вардар игра против Извиѓач, а претходно, на 11 ноември во Скопје доаѓа Барселона на средба од Лигата на шампионите.