Во кино „Фросина“ вечер од 21 часот ќе почне 17. Фестивал на европски филм „Синедејс“ со проекција на музичкиот документарец „Матанги/Маја/М.И.А.“, а од 22 часот во „Милениум“ ќе биде прикажан „Среќниот принц“.

Музчкиот филм е британско-американска копродукција за кариерата на младата музичарка од Шри Ланка, чие семејство емигрира во Лондон. Од Матанги таа станува Маја, а кога се пробива на глобалната сцена, оваа креативна тинејџерка, ќерка на основачот на вооружените шриланечки Тамилски тигри, светот ја запознава како М.И.А. „Среќниот принц“, пак, по сценарио и режија на Руперт Еверет, е филм за ексцентричниот Оскар Вајлд, остроумен, духовит и скандалозен миленик на лондонската елита во 19 век.

До 18 ноември, под мотото „Збогати се преку ноќ“, на „Синедејс“ ќе бидат прикажани повеќе од сто филма во неколку фестивалски програми. Над 20 наслови се во атрактивната гала-програма со најновите остварувања на Ларс вон Трир, Годар, Сорентино, Павликовски, Спајк Ли… Меѓу нив е и „Фаворитката“ (The Favourite) на Јоргос Лантимос, премиерно прикажан на Венецисакиот филмски фестивал. Тој е специјално на „Синедејс“ пред воопшто да биде пуштен во кинодистрибуција закажана за 2019 година. Во гала-програмата е и најновиот филм на режисерот Васил Христов – „Еј!“ и со оваа македонска премиера на 18 ноември во „Милениум“ ќе биде затворен фестивалот.

Во двете натпреварувачки програми – Официјалната и Програмата на балкански филм (СинеБалкан) ќе има вкупно 14 филмови избрани од селекторот Бернд Будер, а за наградите ќе одлучуваат две меѓународни жирија. Во Официјалната селекција се осум филма: белгискиот „Сама на мојата свадба“; германскиот „Полицајци“; копродукциските „Товар“; „Кога дрвјата паѓаат“; „Не допирај ме“ (победник на Берлинале 2018); „Виа Карпатија“; „Ти ја имаш ноќта“ и шпанскиот „Ана преку ден“.

Во натпреварувачката „СинеБалкан“ се шест остварувања: турскиот „„Арада“; српскиот „Бандити во потрага по мама“; босанско-мексиканскиот „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“; црногорскиот „Мрзливец“; косовско-албанскиот „Брак“ и „Граници, дождови“ – копродукција меѓу БиХ, Црна Гора, Србија, Велика Британија и Шведска.

Во програмата Кратки филмови ќе има девет од млади македонски режисери чии филмови се прикажуваат на фестивали. За разлика од лани кога тие беа во една вечер, овојпат ќе се прикажуваат секоја фестиваска вечер пред проекциите на долгометражните.

Во Студентската програма, која е натпреварувачка, ќе има 35 филмови од 12 академии од регионот, а првпат годинава и од престижната ФАМУ од Прага. На „Синедејс“ ќе има и ретроспектива на рани филмови од Милош Форман (во соработка со Чешката амбасада) и богата музичка програма со девет музички документарци, кои бесплатно ќе се прикажуваат во „Фросина“ и Џебното кино во МКЦ, како и 11 концерти на домашни и странски изведувачи.

Меѓу настаните во придружната програма е дводневниот настан СинеИндустри на 16 и 17 ноември, посветен на дистрибуцијата на филмовите, односно како тие да излезат надвор од границите.

Мотото „Збогати се преку ноќ“ е избрано со идеја младите да се насочат кон духовните вредности и да се потенцира дека богатството не е во материјалното, туку богатство е и изгледан добар филм кој „Синедејс“ го овозможува по цени од 150 и од 100 денари. Од оваа година билетите може да се купат и онлајн преку линковите достапни на веб-страницата на МКЦ: mkc.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2018 09:30