На редовната прес-конференција по средбата Металург – Стеауа, двајцата тренери дојдоа со различно расположение. Додека Михаила Овидиу беше пресреќен од постигнатиот резултат, Данило Брестовац изрази разочараност од прикажаната борбеност на својата екипа, но и нагласи дека Металург е повеќе фокусиран на утрешната средба со Спортинг.

Михаила Овидиу: “Среќен сум поради оваа победа, затоа што во овој период Стеауа нема доволен број на играчи. Дојдовме во Скопје со само десет играчи, но мислам дека тие одиграа предобро. Имаме повеќе повредени ракометари и јас се надевам дека во иднина сите играчи ќе ни бидат здрави и на располагање, затоа што ние немаме втор тим. Девет играчи ни останаа дома, поради важен натпревар во првенството. Металург има добар тим, во иднина сигурно ќе дојдат резултатите. СЕХА-лигата е добра за развојот на младите играчи. Благодарност за гостопримството во Скопје, се гледаме во Букурешт“

Марин Вегар: “Жал ми е што не бевме комплетни бидејќи така оваа средба ќе беше сосема поинаква и ќе можевме да одработиме уште подобро. Овој натпревар не дојде во вистинско време ниту за нас ниту за Металург. Сепак, победата е добродојдена. Одиме понатаму во овој стил и сега можеме да му се посветиме на домашното првенство, каде не чекаат нови тешки средби. Му честитам на Металург за играта и утре му посакувам успех против Спортинг“.

Данило Брестовац: “Искрено, ние воопшто не се подготвувавме за Стеауа, затоа што мечот со Спортинг ни е многу важен. Не знаевме со каков состав ќе дојдат. Стеауа можеби играше со пократка ротација, но не е дојде со втор тим. Се обидов да наметнам еден начин на игра, кој за жал судиите не го прифатија. Не ни дозволуваа да повлечеме брз центар. Не враќаа кога ќе тргневме. Погледнавме само неколку минути видео од Стеауа. Не ми е јасен распоредот, но тоа е што е. Заслужена победа на Стеауа. Ни фалеше борбеност и ангажман, напад еден на еден. Нека овој меч ни биде поука за во иднина. Првото полувреме убаво изгледаше, цело време бевме во шанса. Ни недостасуваше желба и борбеност во одбраната. Можем да ги пребројам на прсти фаулите што ги направивме во одбраната. Немавме контакт игра. Многу бевме далеку од агресивна игра која носи резултат. На домашен терен не може да играш само со движења. Пак се појавува проблем кој го гледавме на видео. Ако и утре настапиме со ваква агресивност, тогаш не ни се пишува добро“.

Мартин Велковски: “Пред се, би сакал да им честитам на гостите за победата. Проблемот беше во нас, лошо отворивме во однос на реализацијата, промашивме многу чисти шанси. Имавме и водство, кое го загубивме. Успеавме да се вратиме, а на крајот, кога беше најважно, не одигравме како што треба. Имавме шанса за реми, но не ја искористивме. Не знам дали проблемот е во нас, или во густиот распоред. Ќе беше убаво ако го добиевме овој натпревар, но што е – тука е“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2018 12:04