Економската активност на земјите од Западен Балкан е подобрена и за периодот 2018 – 2022 се очекува да достигнат раст на реалниот БДП од речиси 3,3 проценти, беше речено на денешното официјално отворање на Самитот „Македонија 2025“.

Според Максимилијан Ламбертсон, водечки аналитичар за Источна Европа од The Economist Intelligence Unit, Велика Британија, регионот мина низ значителен период на прилагодување по светската економска криза во 2007-2009, кога инфлацијата достигна историски најниски нивоа, што овозможи поусогласена монетарна политика што поддржува раст.

Самитот почна со поздравно обраќање на годинашниот клучен говорник, менаџерот за истражување и уредник на Индексот за економска слобода во фондацијата Херитиџ, САД, Ентони Б. Ким.

-Има бројни важни прашања поврзани со политиките за кои треба да ги споредиме погледите и да размениме отворени перспективи. Амбиентот за водење политики во многу делови на светот рапидно и динамично се менува, нудејќи, како можности, така и предизвици. Тоа ќе биде навремен повод нив да ги разгледаме на стратешки начин свртен кон иднината, особено во контекст на тоа како да се дефинира една обновена патека за Македонија и да се реализира нејзиниот целосен потенцијал, рече Ким.

На 7. Самит „Македонија2025“ врвни имиња од глобалниот бизнис ќе ги запознаат македонските стопанственици со најновите светски трендови во економијата, инвестициите и технолошките иновации.

Дел од денешните панел-дискусии се поврзани со сеопфатен економски осврт на светот и регионот, со споредбата на стратегиите за привлекување директни странски инвестиции, како и со најдобрите практики на светско ниво.

Една од темите на Самитот денеска ќе биде и производството на канабис за медицински цели, а ќе се презентираат и успешни македонски компании.

Утре во фокусот ќе бидат дигиталната трансформација, најновите технологии во здравството и зелените индустрии.

На Самитот ќе има повеќе од 15 панел-дискусии, неколку интерактивни настани за вмрежување и ден за спортски активности.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2018 13:33