Полицијата во Тетово од средината на октомври презема засилени контроли со цел нормално одвивање на сообраќајот и почитување на правилата и прописите. Командирот на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Зоранчо Талев вели дека за нормално одвивање на сообраќајот особено низ централното градско подрачје потребно е сите учесници, а особено возачите да ги почитуваат правилата и прописите за паркирање.

– Главен акцент на нашите активности во овој период се отстранување на погрешно паркирани возила на тротоари, двојно паркирање возила и слично. За нормално одвивање на зголемениот интезитет на сообраќајот ги користиме и специјализираните возила од општинатата таканаречените “пајаци” со цел да ги ослободиме пешачките патеки и тротоарите за нормално движење на пешаците заради што сите возачи треба да внимаваат на паркирањето за да немаат непотребни казни и трошоци, изјави Талев

Влијание врз сообраќајниот метеж има и големиот број регистрирани возила во Тетовско што се движи некаде над 40 илјади возила како и малите и тесни улици на одделни места. Талев посочи дека во соработка со локалната власт се предвидува и определување сообраќајници низ градот како еднонасочи со цел да се олесни движењето особено низ централното градско подрачје.

Во пресрет на зимските месеци Талев потсети дека од 15 ноември стапува на сила законската обврска за поседување и користење зимска опрема на возилата.

-Ние како сообраќајна полиција веќе сме подготвени заедно со надлежните органи за одржување на патиштата и локалните власти подготвени да ја дочекаме претстојната зимска сезона и да имаме безбедни патишта, рече Талев.

Тој истакна дека според нивните податоци најголем причинител за сообраќајките во регионот е пречекорување на брзината поради што упати апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните знаци и прописи во овој дел бидејќи како што рече Талев тие се опремени со современи радари и опрема за откривање на сите оние возила што се движат со поголеми брзини од дозволената.

-Истите правила и прописи за безбеден сообраќај се применуваат и на возилата од нашите вработени без разлика дали станува збор дали возилата се регистрирани, дали има залепено фолии на стаклата и друго, рече Талев.

Тој најави дека сите посочени, но и други активности согласно нивната програма за работа секојдневно и постојано ќе се применуваат низ улиците во градот и околните населени места со цел побезбедно и полесно одвивање на сообраќајот во полошко.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2018 15:53