Иселени лица од Поткожувјето, потомци на некогашните жители, како и туристи, се собраа денеска на селска слава во кавадаречкото село Мрежичко. Се евоцираа спомени, се правеа планови за идни проекти за развој на селскиот туризам.
Претседателот на кавадаречкиот Совет, Ристо Сакалиев, за МИА рече дека општината посветува огромно внимание не само на градските, туку и на селските месни заедници.
-Мрежичко како планинско село прави чекори за развој на руралниот туризам. Заедно со Република Грција преку меѓудржавна соработка и европски проекти сакаме да го отвориме граничниот премин Пулевац. Со тоа очекуваме да се подигне селскиот и ловниот туризам во Витачево, Рожден, Мајден и другите села, нагласи тој.
Сакалиев, кој и самиот потекнува одовде, додаде дека овој крај како ненаселен, со недопрената и неизвалкана природа, нуди идеални услови за одмор и рекреација. Располага и со бројни природни богатства кои заслужуваат да бидат посетени.