Близу 40 илјади пријави за легализирање на бесправно изградени објекти поднеле граѓаните од 11 општини во Источно планскиот регион, што значи дека скоро во секое второ домаќинство има градба за која претходно не била добиена соодветна дозвола.
По поднесените пријави и елаборати постапката досега е завршена за нешто повеќе од 17 илјади дивоизградени објекти, односно 43,5 отсто за кои се издадени решенија, беше речено на прес конференцијата на здружението Иницијатива на невработени интелектуалци – „ИНИ“ од Виница кое, во рамки на проектот „Имам право да знам“, ги истражуваше состојбите со легализацијата на бесправните градби во регионот.
-Поразително е што досега не видовме ниту една анализа од општините или од органите на централно ниво за ефектите од донесениот закон за легализација на дивоградбите во Македонија. Се поставува и прашањето зошто службите за урбанизам во локалните самоуправи не реагирале во изминатите години додека се граделе објектите, бидејќи според наша проценка, а имајќи ги предвид просечните давачки за комуналии, биле изгубени околу 20 милиони евра, средства што требало да се слеат во општинските каси, истакна Тодор Цонев, претседател на здружението „ИНИ“.
Анализата на состојбите со легализацијата на дивоградбите покажала дека во периодот по донесување на законот, општинската администрација има зголемени обврски, при што директно се вклучени околу 50 вработени во службите за урбанизам во сите општини од источниот регион. Досега, најголем број од постапките за легализирање се завршени во Кочани со 51 отсто и во Штип со околу 47 отсто.
Истражувањето за легализацијата на дивоградбите на Истокот, здружението „ИНИ“ го реализираше во изминатите шест месеци со поддршка од фондовите на ЕУ, како подгрант на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување на реформи“ во кој се вклучени Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфоцентар од Скопје.