Во организација на Културно-информативниот центар Романса, утре во кино салата во Македонска Каменица ќе биде прикажана театарската претстава „Волшебната шума“. Како што информира Горан Огнановски, претставата се реализира во соработка со воспитно образовните установи од Македонска Каменица.
-Станува збор за училишна театарска претстава која ќе биде наменета за дечињата од предучилишна возраст од градинката „Бамби“, како и за учениците до петто одделение од општинското основно училиште Св.Кирил и Методиј. Волшебната шума е претстава во изведба на велешкиот театар и е своевидна обработка на популарната приказна на Браќата Грим, информира Огнановски.
Тој додава дека претставите ќе бидат прикажани во два термини. Во првиот термин претставата ќе можат да проследат учениците од претшколска возраст, како и учениците од прво и второ одделение. Вториот термин е резервиран за учениците од второ до петто оделение.
До крајот на годината која полека изминува, како што најавуваат од КИЦ „Романса“ ќе следуваат уште неколку театарски претстави кои ќе бидат наменети за повозрасната публика.