Потребни се структурни реформи за зголемување на потенцијалот за раст на брзорастечките и растечките економии во Европа , оцени гувернерката на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) Анита Ангеловска Бежоска при учеството на претставувањето на есенскиот Регионален економски преглед за Европа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) што се одржа вчера во Копенхаген.

Ангеловска Бежоска и гувернерот на Централната банка на Данска Пер Калесен, изнесоа оценки за одделни области опфатени со Прегледот, откако за главните наоди и согледби претставени во него, најпрво говореше директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ Пол Томсен.

Во претставениот најнов преглед на ММФ, во кој фокусот е ставен на европската економија, се укажува на нејзиното понатамошно закрепнување, со стапки на раст коишто забавуваат, но и понатаму се движат над потенцијалот. Се упатува на неколку фактори што потенцијално можат да делуваат ограничувачки на понатамошниот раст, како што се послабата глобална побарувачка за европски производи, повисоките цени на енергенсите, како и цикличното забавување на економијата. Како главни ризици околу тековните оцени за растот се наведуваат растечкиот трговски протекционизам, турбуленциите во брзорастечките економии и неизвесноста околу процесот на Брегзит. Голем акцент се става на потребата од создавање простор за политиките за реакција на шокови, како и на потребата за спроведување на структурните реформи.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како што информираше НБРМ, во излагањето се задржа на економиите од Европа од групата брзорастечки економии и економии во развој. Таа укажа на високата трговска и финансиска поврзаност на оваа група земји со останатите поразвиени европски економии. Во тој контекст посочи на ризиците со коишто се соочуваат овие економии на патот кон побрза конвергенција, а како резултат на забавениот потенцијален раст на поразвиените економии и на постепеното затегнување на глобалните финансиски услови. Во вакви околности, истакна гувернерката, сè поизразена е потребата за спроведување институционални и структурни реформи, коишто ќе ја зголемат продуктивноста на овие економии и нивниот потенцијал за раст, со што ќе се овозможи и нивна побрза конвергенција.

При посетата на Копенхаген, гувернерката на НБРМ се сретна со гувернерите на Централната банка на Данска, Ларс Роде и Пер Калесен, со кои разговарале за предизвиците на фиксниот девизен курс, ефектите од политиките на Европската централна банка и употребата на макропудентни политики и инструменти.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 11:05