Тренерот на Металург, Данило Брестовац, по поразот од Спортинг (31:24) вчеравечер во Лигата на шампионите, упати критики до своите избраници за слабата ефикасност.

– Спортинг нè не надигра. Ние добро се подготвивме за нив. За мене, Спортинг има една од најубавите игри во нашата група во Лигата на шампионите и задоволство ми е кога играме против овој тим. Кај нас денеска проблемот беше во реализацијата. Ниското ниво на агресивност во одбраната исто така имаше свое влијание на конечниот епилог. Млада екипа сме, но мораме да бидеме агресивни. Имаше моменти кога добро делувавме на теренот, но на крајот пресуди реализацијата која беше на очајно ниво, особено во второто полувреме, изјави Брестовац.

Тој причина за лошата реализација гледа и во играњето на трет натпревар во период од само пет дена.

– За следниот натпревар имаме девет дена за подготовки и со тренинзите почнуваме веќе од утре. Ќе имаме доволно време да се подготвиме, но ќе мораме да ги отстраниме проблемите. Имаме убава игра, но треба да продолжиме. Треба да ги воиграме и новите момци. Сепак, имаме многу дупки, но и доволно време за да ги пополниме, додаде предводникот на тимот од Автокоманда.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 18:56