По повод одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, граѓаните можат да бидат дел од бесплатната едукативна тура „По стапките на ослободителите”.
На турата, што ќе се реализира денеска и утре, граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со клучните настани и локации поврзани со ослободувањето на градот пред 74 години.
Едночасовните тури ќе почнуваат во 12 часот пред Музејот на илегалните работилници за оружје, зад објектот на Археолошкиот музеј. Граѓаните ќе се движат пеш низ централното градско подрачје и ќе имаат можност да го разгледаат Музејот и да дискутираат за објектот и идејата за слобода, ќе го посетат Споменикот на деветте стрелани скопјани, ќе преминат преку плоштадот „Македонија” и ќе го посетат Споменикот на ослободителите пред Владата на Република Македонија.
Граѓаните низ историските настани поврзани со ослободувањето на Скопје ќе ги води Бобан Ѓорѓиевски, професор по историја во СУГС „Кочо Рацин”.