Народниот театар од Охрид вечерва премиерно ќе ја изведе својата нова претстава – „Метод“ во режија на Ирена Стеријовска, поставка работена според истоименото дело на современиот каталонски автор Жорди Галцеран Ферер.
Делото на Галцеран со кое тој стана познат во светската драмска јавност преку изведбата на Охридскиот театар ќе ја има својата праизведба во Македонија. Станува збор за поставка во жанр на трилер филмовите што е реткост на македонската театарска сцена.
За самата претстава режисерката Стеријовска појаснува дека ги обработува последните интервјуа на финалните четири кандидати за висока позиција во голема интернационална компанија.
-Во оваа приказна, преку интриганта сатира кон модерното сфаќање на капитализмот и општеството воопшто, се анализира природата на човекот. Концептот го поставува човекот во инфериорна позиција во однос на “големата слика” и го поставува прашањето колку голема е всушност “големата слика”? Преку интензивните трилер ситуации се игра со публиката и она што таа мисли дека го знае, исто како што дејствието си игра со ликовите и она што тие мислат дека го знаат. Така се создава еден модерен психолошки трилер со интензитет и темпо што ја вовлекува публиката толку активно да ги прати заплетите што и самата станува петтиот лик во оваа пиеса, вели Стеријовска.
Улогите во претставата ги толкуваат четворица актери и тоа Елизабета Стефаноска, Стрезо Стаматовски, Ивица Цонев и Јаков Спасов.
За премиерната изведба на „Метод“ е резервирана Малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, а почетокот е закажан за 20 часот. Вчера на истата сцена беше изведена претпремиерата, со тоа што средствата остварени од преодажбата на билетите ќе бидат уплатени во рамки на акцијата за лекување на Сара Настеска.
Ова е трета премиера на актерската екипа на Народниот театар од Охрид во оваа календарска година, после претставите „Баал“ и „Стаклена менажерија“. Од театарската куќа најавено е дека до крајот на тековната календарска година ќе биде подготвена уште една премиерна театарска претстава.