По покана на Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Стенли Кјубрик, режисерот и продуцент Јане Алтипармаков и фотографката и мултимедијална уметница Наташа Гелева, присуствуваа на свеченото отворање на ретроспективната изложба посветена на творештвото на Кјубрик и педесетгодишнината од филмот „2001-Вселенска Одисеја“.
За време на присуството, Гелева и Алтипармаков сработија и своевиден фото/есеј. Се работи за фото-репортажа/фото-сторија која ја опфаќа големата ретроспективна изложба и помалку познати артефакти поврзани со филмскиот опус на Кјубрик.
Еден дел од фото/сторијата е ексклузивно подготвен за Македонската Информативна Агенција.
На отворањето официјалниот претставник на фондацијата Кјубрик – Катарина Кјубрик зборуваше за нејзиното искуство при правењето филмови со нејзиниот татко, а со љубопитната и многубројна публика во Кинотеката на Каталонија го сподели и говорот подготвен од Кир Дулеа, актерот кој го толкува ликот на астронаутот Боумен во епскиот научно-фантастичен филм.