Во рамки на активностите за одбележување Денот на ослободувањето на Скопје, се одржаа поголем број на рекреативни и спортски манифестации кои се финансиски поддржани од Градот Скопје.
Во спортската сала “Македонски херои” на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје започна петтото издание на турнирот во карате “13 Ноември“. На турнирот, кој ќе трае два дена, ќе учествуваат повеќе од 400 натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Црна Гора. Овој турнир е еден од најстарите на просторите на поранешна Југославија и за првпат се организира во 1974 година, но истиот згасна. Пред 5 години истиот е возобновен со поддршка на Град Скопје, а истиот е во организација на карате клуб „Цветан Димов“.
На карате турнирот на присутните се обрати и градоначалникот Шилегов, кој им посака добредојде и им пожели успешен настап. Градоначалникот Шилегов на најдобрите во повеќе категории им додели медали, а за добрата соработка и поддршката тој доби благодарница од организаторот на турнирот.
Во организација на Сојузот на спортови на Скопје денеска се одржа велосипедско дефиле (караван), на кое учество зедоа повеќе од 250 велосипедисти. Велосипедското дефиле се движеше по патека долга 11 километри, истата беше без натпреварувачки карактер, каде нејзините учесници се движеа со диктирана брзина од 20км/ч.