Горчината од првиот пораз во храмот на црвено – црните сезонава во ЕХФ Лига на шампионите се почувствува и на прес-конференцијата по лесната победа на Барселона против Вардар со 30 - 26. Се согласија тренерот на Вардар Роберто Парондо и капитенот Стојанче Стоилов дека на реваншот во Шпанија не смеат да се повторат бројните технички грешки, кои им ја олеснија победата на гостите.
„Мораме да и честитаме на Барселона за победата. Одиграа одличен натпревар, а ние бевме под потребното ниво. Поразот е резултат на бројните технички грешки што ги направивме, како и многуте нереализирани шутеви и тоа од лесни позиции. Ова беше тежок натпревар. Моите ракометари се бореа во текот на сите 60 минути, но тоа не е доволно. За да се добие екипата каква што е Барселона грешките мора да бидат сведени на минимум. Благодарност до публиката која ни даде голема поддршка. Се надевам дека следниот викенд во Барселона ќе бидеме многу подобри ", изјави Парондо.
Капитенот на Вардар очекува во Барселона да одиграат подобро.
„Барселона заслужено победи и ние им ја олеснивме задачата. Бевме во негатива од почетокот и постојано моравме да се враќаме. А кога ќе направите толку грешки, невозможно е да дојдете до позитивен резултат. Секогаш кога требаше да го направиме клучниот шут имавме проблеми. Беше тешко да се вратиме, а игравме против многу силен противник во тежок натпревар. В сабота во Барселона ќе мораме да одиграме далеку подобро", изјави Стоилов.