Нова поетска манифестација „Маџирмаалски поетски средби“ почнува на 13 декември во Скопје на која ќе бидат доделени една главна награда – „Маџирмаалски поетски бранови“ за годинава и две придружни награди за песни кои тематско-содржински треба да кореспондираат со заложбите за афирмација на урбаниот живот, навиките и традициите и во нив да е присутен мотив поврзан со Маџир Маало.

За реализација на оваа поетска манифестација е формирана комисија и распишан е конкурс на кој имаат право да учествуваат сите граѓани на Република Македонија. Секој автор може да испрати најмногу две свои необјавени поетски творби напишани на македонски јазик, од кои само една може да биде наградена.

Песните треба да се во духот на соживотот и верската и национална толеранција. Учесниците на конкурсот треба да ги достават поетските творби анонимно, под одредена шифра, а во друг плик на кој е наведена шифрата, покрај насловот на песната треба да се наведат името и презимето на авторот, како и податоци за контакт.

Поетите може да ги испраќаат своите песни кои содржат мотив поврзан со Маџир Маало и тематско-содржински кореспондираат со заложбите за афирмација на урбаниот живот, навиките и традициите, до 30 ноември по пошта на адреса „Маџирмаалски поетски средби“ (за Конкурсот), ул. „Маџирмаало“ бр. 28, 1000 Скопје.

Комисијата од сите пристигнати поетски творби ќе избере една која ќе биде прогласена за најдобра песна на „Маџирмаалските поетски средби“ и на авторот ќе му биде доделена главната награда „Маџирмаалски поетски бранови“ за 2018 година, а покрај првонаградената поетска творба ќе бидат селектирани уште две песни за кои на авторите ќе им бидат доделени придружни награди. На авторот на првонаградената песна ќе му биде доделена диплома–плакета и паричен износ од 300 евра во денарска противвредност, а авторите на двете придружни поетски творби ќе добијат диплома–плакета и паричен износ од 100 евра во денарска противвредност.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 09:49