Филмскиот проект „М“ во режија на Вардан Тозија и продукција на Дарко Попов ја доби наградата „Crossroads“ на престижниот копродукциски форум Агора, во рамките на 59. Филмски фестивал во Солун.
Како што соопшти Агенција за филм на Република Македонија, филмот што треба да се реализира наредната година, следи две напуштени деца кои се обидуваат да пронајдат љубов и заштита, во разурнат и суров дистописки свет во блиската иднина.
-Наградата за пост-продукција ја доделуваме на иден филм со високи визуелни амбиции, воден од режисер, кој според нас, обединува она што режисер треба да го носи во себе: раскажувач, но воедно и познавач на техниката на филмот. Затоа, се одлучивме оваа награда да ја доделиме на „М” на Вардан Тозија, изјави Паскал Диот, директорот на филмскиот маркет на Венецискиот филмски фестивал.
Остатокот од жирито го сочинуваа романската продуцентка Ада Соломон и францускиот дистрибутер Алексис Хофман. Наградата вклучува постпродукција и финализација на слика и тон на идниот филм, во реномираното атинско студио „2:35″.