Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа, по денешната седница на партиското Претседателство, изјави дека ЛДК не ја исклучува можноста од прифање на гласовите на пратениците на Српската листа (СЛ) за уривање на Владата на Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Мустафа им изјави на новинарите дека Владата која ја водеше ЛДК минатата година беше сменета на истиот начин, значи со искористувањето на гласовите на пратениците Срби, од страна на лидерот на сега владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) Кадри Весели.

Српската листа ги понуди на опозицијата гласовите на своите десет пратеници во Собранието за уривање на Владата на Харадинај, поради одлуката за воведување дополнителни такси за увозот на српки производи во Косово.

– Гледаме дека многу се зборува за оваа иницијатива. Ние покренавме иницијатива како ЛДК за интерпелација за оваа Влада. Исто така знаеме зошто сме тука кај што сме – затоа што владата која јас ја водев се смени со гласовите на СЛ, оти тогаш се чини Кадри Весели сакаше да прави братство-единство со нив, изјави Мустафа.

Лидерот на најголемата опозициска патија во Косово нагласи дека намерата му е владата да се урне и да се оди на предвремени избори со политички договор и за таа цел не ја исклучува соработката со секого.

– Ние нема да исклучиме никого кој ќе се приклучи на ова барање на ЛДК, порача Мустафа.

Другите албански опозициски субјекти се уште се немаат изјаснето дефинитивно за понудата на партијата на косовските Срби.

Реџеп Селими, пратеник на втората по големина опозициска партија во Собранието, Движењето Самоопределување (ВВ), изјави дека неговата партија „нема да урива албанска влада со гласовите на Србите“, како што не би ни формирала влада со нив, затоа што, според него „агендите на СЛ се насочени против косовската држава“. Сепак, подоцна од врвот на ВВ соопштија дека се уште немаат одлучено во врска со новонастанатата ситуација.

Опозицијата во моментов има 58 пратеници во 120-члениот косовски Парламент.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 19:42