Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го предупреди претседателот на државата Хашим Тачи дека може да биде разрешен и да одговара за кршење на Уставот и законите доколку во дијалогот со Србија потпише договор со кој ќе се повреди територијата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај во интервју за телвизијата Т7 синоќа изјави дека неговата партија, Алијансата за иднината на Косово (ААК), без двоумење ќе гласа за разрешување на Тачи доколку се согласи за промена на границата или размена на територии со Србија и дека истото ќе го сторат и другите парламентарни партии.

Премиерот рече дека промената на границата е сценарио на српскиот претседател Александар Вучиќ и дека тоа сценарио не предвидува размена на територии, односно припојување на Прешевската Долина кон Косово, како што тврди Тачи.

– Идејата на Вучиќ е Србија да го добие северниот дел од Косово, богат со рудни ресурси, а во замена за тоа Косово нема да добие никаква територија, туку единствено признавање на независноста од страна на Белград, рече Харадинај во емисијата „Пресинг“ на Т7.

Тој изјави дека Србите му понудиле и нему, во неколку случаи и преку разни канали, да стане дел од тоа сценарио за поделба на Косово.

Харадинај ја оцени како грешка средбата на Тачи со рускиот претседател Владимир Путин, затоа што, како што рече, Косово припаѓа на друга зона на интерес.

– Ние сме дел од западната, американската и европската зона на интереси. Не припаѓаме на некоја друга зона. Со Америка имаме сојузништво во безбедноста, политиката, на меѓународен план. Русија е надвор од таа зона. Агендата на Русија на Балканот е блокирачка и ние сме во конфликт со руската зона на интереси, изјави Харадинај.

Тој сепак ја остави можноста Тачи и Путин случајно да се сретнале на церемонијата во Париз за 100-годишнината од крајот на Првата светска војна, затоа што, како што рече „такви средби се случуваат на тие големи собири“.

Зборувајќи за можноста неговата Влада да биде урната, Харадинај рече дека е сигурен оти тоа нема да се случи поради зголемувањето на таксата за српски производи кои се увезуваат во Косово.

Според премиерот, нема ништо чудно во тоа Владата да се смени поради некоја друга причина, не исклучувајќи ја и неговата оставка, но тоа сигурно нема да се случи поради повикот на партијата на косовските Срби, Српската листа (СЛ), до опозицијата да го сторат тоа заедно.

– Знам многумина од опозиционерите кои нема да се обединат со СЛ да гласаат за уривање на Владата во оваа варијанта, рече Харадинај, изразувајќи уверување дека „што подолго траат повисоките такси за увозот од Србија толку повеќе се продолжува животот на оваа Влада“.

Косовскиот премиер најави дека, „доколку Белград продолжи со агресивното и деструктивно однесување кон Косово“, таксите за српските производи може да се зголемуваат и понатаму.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2018 10:21