Потпретседателот на косовското Собрание Џавит Халити ја затвори вонредната седница свикана на барање на премиерот Рамуш Харадинај, на која требаше да се расправа за пакетот закони за владеење на правото и за агендата за европски интеграции, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Седницата не беше подготвена, иако беше доставено барање за нејзино одржување. Ја прогласувам седницата за затворена, рече Халити.
Седницата започна со критики од страна на опозицијата, која смета дека премиерот нема надлежности да бара вонредна седница за второ читање на нацрт-законите.
Пратеникот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Арбен Гаши рече дека седницата нема објект и како таква не може да се одржи.
– Главен заклучок е дека премиерот не може да свикува седница за второ читање на законите, бидејќи тоа е надлежност на Собранието. Денешната седница нема објект и не може да се одржи како таква, рече Гаши.
Пратеничката на Самоопределување (ВВ) Албулена Хаџиу, исто така, смета дека премиерот нема право да свикува ваква седница и нагласи дека денеска пратениците требаше да расправаат за однесувањето на претседателот Хашим Тачи, односно за неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин.
– Денеска требаше да одржиме вонредна седница за скандалите на претседателот Хашим Тачи, за неговата намера да ја замени Германија со Русија, изјави Хаџиу.
Шефот на пратеничката група на ЛДК Авдулах Хоти рече дека треба да има подобра координација меѓу претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Харадинај.
– Јасно е дека седницата нема материја и треба да се затвори. Бараме подобра координација меѓу претседателот на Собранието и премиерот, изјави Хоти.
Харадинај вчера попладне побара седницата, која тој самиот претходно ја свика, да се одржи некој друг ден.