Вистинска радост им приредија ракометарите на Вардар на децата од посебното основно училиште Иднина во Скопје.
По повод „Светскиот ден на љубезноста" вардарци извлекоа многу искрени насмевки од околу 50-тина деца во училиштето за лица со пречки во развојот, кои ги пречекаа ракометари, а потоа и цел час со нив се дружеа, разговараа, играа и се фотографираа.
Гости на училиштето беа Сташ Скубе, Владо Недановски, Сергеј Горбок и Калифа Гедбан, кои ги изненадија дечињата со подароци, но и младите домаќини беа подготвени. Ни подарија две рачно изработени икони и слатки во знак на благодарност за посетата.
Нѐ пречекаа со балони во црвено-црна боја и навивачки песни за Вардар, но и со мобилни телефони кои се наполнија со фотки со ракометарите. Емотивна дружба на која на детската радост и немаше крај. Навивачките Вардар шаловите што им ги однесовме веднаш ги истакнаа, а ги облекоа и маичките и капчињата.
„Многу сме им благодарни на ракометарите и на клубот што дојдоа да нѐ посетат. Навистина е голема работа што дел од спортистите што ги гледаме на ТВ сега се тука во нашето училиште и што може да се дружат со дечињата. Тие се големи спортски фанови, ги знаат сите ракометари, навиваат за нив и сакаат да го развиваат спортскиот дух", изјави директорката на ПОУ Иднина Лорета Андреевска
Нашата дружба со ПОУ Иднина продолжува. Децата ќе бидат гости на Вардар на следниот натпревар од СЕХА Газпром лигата на 28 ноември во Скопје против Извиѓач. Искрено воодушевени, веднаш ја прифатија поканата да дојдат во салата и да бидат најгромогласните навивачи.
„Сите заслужуваат да бидат дел од ракометната еуфорија. Драго ни е што Вардар го сакаат сите луѓе. Овие дечиња особено заслужуваат да добијат мотив повеќе, да продолжат да работат и да се вклучат во општеството. Како клуб секогаш сакаме да помогнеме секаде и секому колку што можеме. Сакаме да ги гледаме овие лица постојано насмеани", вели Сергеј Горбок.