Обвинителен предлог за сторено кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајка како и тешко дело против безбедноста на луѓето, денеска поднесе Основното јавно обвинителство Велес. Осомничениот прегазил лице кое било во алкохолизирана состојба легнато на коловозот на регионалниот пат Велес-Градско, кое потоа починало од повредата.

Како што соопшти ОЈО, осомничениот, на 5 март 2018 година, управувал патнички автомобил марка Фолксваген Шаран со неприспособена брзина на условите на патот. Во услови на дождливо време и влажен коловоз, а при стемнување, осомничениот не ја намалил брзината на движење на возилото, при што нејасно забележал дека на коловозот во лежечка положба се наоѓа едно лице во алкохолизирана состојба.

-Осомничениот започнал дејствие на заобиколување, но тоа го направил во недоволен лак и налетал на телото на оштетениот, нанесувајќи му тешки повреди. По настанот, осомничениот го оставил повреденото лице без помош и заминал во правец кон Гевгелија. Нанесените повреди кај оштетениот довеле до загуба на крв и нарушување на работата на витално важни органи, што резултирало со смртен исход, се наведува во соопштението на ОЈО.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2018 14:12