Власта и стопанството се на заеднички став – да нема предвремени парламентарни избори. Согласни се и во оценката дека економскиот раст наредната година може да ги надмине предвидените проекции од 3,2 отсто и да изнесува повеќе од четири проценти како во некои други земји од регионот.

Бизнисот смета дека Предлог-буџетот за 2019 година е развоен и добро конципиран, но бара радикални промени во образовниот систем поради недостигот на квалификуван кадар, бара рамномерен регионален развој и капитални инвестиции во секој град, ригорозни законски мерки за заштита на животната средина и побрза продажба на земјоделското земјиште за приватниот капитал да влезе во агро секторот.

На денешната Втора буџетска конференција во Стопанската комора, проблемот со образованието го подвлекоа и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Не може, рече Заев, 90 отсто од учениците да завршуваат факултети. Според Анѓушев, пак, технички факултети има многу малку, а школи за менаџери еден куп.

-Ако се дуплира бројот на студенти на ФИНКИ, сите ќе бидат апсорбирани, а ако распишеме конкурс за менаџери, ќе има редици од тука до Центар. На Машински факултет нема лаборант, а на Електро нема кој да спои струјно коло, укажа Анѓушев.

На тоа се надоврза Заев. – Имаме голем проблем. Доаѓаат исфрустрирани деца и велат, диплома имам, мора да ме вработите, истакна премиерот.

Власта, потенцираа, не може сама да го реши овој проблем. Потребна и е поддршка од стопанството, вид гаранција дека децата кои се дел од т.н. дуално образование (кое веќе се спроведува со германска поддршка), по школувањето ќе бидат задржани во компаниите.

Некои од членките на Комората во текот на расправата го поздравија и најавеното прогресивно оданочување. Рекоа дека е добро да се гради праведно општество – тие штои заработуваат подобро, да плаќаат повеќе.

Дебатата за Предлог-буџетот за 2019 година ќе трае, како што рече премиерот Заев, до крајот на декември. За утре текстот е ставен на владина седница.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2018 14:42