За иднината на Европа преку дијалог со граѓаните на онлајн платформа и прашалник спроведен од мај до ноември годинава, дебатираа алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос и шефот на делегацијата на Европската комисија во Грција, Јоргос Маркопуљотис на настан организиран од канцеларијата на ЕК во Атина, што се одржа во Францускиот културен центар.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, воедно беа презентирани резултатите од консултациите со грчките граѓани за прашања поврзани со иднината на Европа и ЕУ.
Проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, но и со други земји е едно од прашањата на кој даваа одговори грчките граѓани. Според резултатите, 50,29 отсто од анкетираните одговориле позитивно, 39,26 проценти се против проширувањето, а 10,06 отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.
За овие резултати алтернативниот шеф на грчката дипломатија коментираше дека Грците следат „екстровертна позиција за да продолжи проширувањето на унијата кон Балканот”.
Тој додаде дека во Европа постои дискусија за тоа дали проширувањето, може да биде во догледна иднина или треба да претходи подлабока анализа и објасни дека Грција смета оти и двата процеси може да бидат паралелни. Сепак Катругалос истакна дека проширувањето на ЕУ и понатаму е приоритет за Грција.
– За нашата земја се подразбира дека проширувањето на Европската унија со регионот на Балканот го гледаме како чекор напред кон мир во регионот, тоа е наш приоритет и стратегија како што се покажа со Договорот од Преспа, рече Катругалос.
За време на настанот во Францускиот институт присутните имаа можност во живо, преку онлајн прашалник, од нивните мобилни телефони да одговараат на прашања поврзани со ЕУ. На прашањето „дали се согласувате со проширување на ЕУ со Западен Балкан и други земји”, 65 отсто од присутните одговорија позитивно, а 35 проценти негативно.
Во прашалникот, од граѓаните било побарано да одговорат и „дали сметаат дека Европската унија има иднина”. Мнозинството Грци или 65,48 отсто сметаат дека ЕУ има иднина, додека пак 28.94 проценти се песимисти и одговориле негативно. Во однос на идните предизвици на Унијата, 49 отсто од грчките граѓани смета дека најважна е невработеноста.
– Иднината на Европа зависи од сите нас, рече Катругалос.
Од 1 јуни 2018 до 29 октомври 2018, специјалната интернет страницата www.oureurope.gov.gr ја посетиле 30 000 грчки граѓани, а 1.542 лица учествувале во дискусијата и пополнување на онлајн прашалникот. Со ова Грција е на третото место според учеството на земјите од ЕУ, зад Франција и Унгарија.