Лидерот на најголемата албанска опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, категорично отфрла политички дијалог со неговиот опонент, лидерот на владејачката Социјалистичка партија и актуелен премиер, Еди Рама.
Гостувајќи во емисијата „360 степени“ на тиранската телевизија „Ора њуз“, тој посочи дека со Рама можен е политички дијалог само за денот на неговото заминување.
– Како може да седнам со овој човек кој веќе пет години ја напушти политиката? Ќе има политички дијалог за денот на неговото заминување. Ние ќе им го вратиме на Албанците правото да гласаат слободно, а не под диктат на криминалните банди, единствените изборни штабови на алијансата за преродба, предводена од социјалистите, истакна Баша.
Нашата стратегија, посочи тој, е да обезбедиме натпревар со Социјалистичката партија и да ја распуштиме нивната криминална организација.
И претходно Баша изјави дека нема ни најмала можност за договор со Еди Рама.
– Мојата цел како лидер на опозицијата и на Демократската партија и на нашите сојузници, не е само неговото заминување како премиер, туку и неговото заминување од политиката и изведување пред лицето на правдата, посочи Баша.
Тој уште додаде дека опозицијата нема да се согласи да оди на локланите избори, закажани за 30 јуни 2019 година, доколку актуелниот премиер Еди Рама биде на таа функција.