Командантот на меѓународните сили во Косово (КФОР) Салваторе Куочи изјави дека НАТО очекува Безбедносните сили на Косово (ФСК) да се развиваат во рамките на постоечкиот мандат, а доколку го сменат мандатот Алијансата ќе го преиспита својот ангажман во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Куочи за Радио телевизија Косово изјави дека е значајно за секоја промена на мандатот на ФСК да се консултираат сите заедници во Косово, како и сојузниците во НАТО.

На прашањето која ќе биде улогата на НАТО во Косово по трансформацијата на ФСК, командантот на КФОР рече дека Североатлантскиот совет ќе треба да го преиспита нивото на ангажман на меѓународните сили во земјата.

– Тоа значи дека 29-те членки на НАТО ќе треба да се усогласат за полето на дејствување на НАТО во Косово, истакна генралот Куочи.

Тој оцени дека ФСК е професионална сила и извор на регионалната стабилност.

Косовската Влада подготви пакет закони, кои поминаа во прво читање во Собранието, за трансформација на ФСК во војска на Косово, на што силно се спротивставуваат Белград и косовските Срби, кои тврдат дека според резолуцијата 1,244 на ОН единствена оружена формација во Косово е КФОР.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 11:55