Современа трагедија и критика на моралната инерција во денешните општества – тоа е во основата на претствата „Фестен“ (Прослава) од Дејвид Елдриџ која Драмски театар-Скопје премиерно ќе ја изведе в петок во режија на Зоја Бузалковска.

Ги следи настаните на една семејна прослава за 60-тиот роденден на таткото Хелге, која се случува во мрачна сенка на неодамнешното самоубиство на неговата ќерка. Се работи за драма на внатрешни конфликти, сложена психолошка приказна која овозможува возбудлива потрага по најскриените човекови мисли и чувства и ги испитува границите на издржливоста.

Драмскиот текст е напишан и праизведен во театарот „Алмеида“ во Лондон во 2004 година и од критиката прогласен за најдобра претстава. Оттогаш е изведуван на многу европски и светски театарски сцени. Всушност е адаптација на истоменото филмско сценарио од Томас Винтерберг, Могенс Руков и Бо Хр. Хенсен за првиот догме-филм снимен во 1998 година.

Режисерката Бузалковска денеска на прес-конференција рече дека долго време се занимавала со „Фестен“ и барала куќа каде ќе ја постави зашто институциите не биле храбри и, рече, не е секој подготвен за претстава што отвора деликатни теми. Пред три години се обидела и во Драмски театар, но и тука претставата не се појавила од, како што рече, различни, но не секогаш естетски причини.

-Тоа само може да ѝ даде плус на претставата. Една од работите којашто ги даде тоа доцнење е прекрасната екипа која се формираше така како што можеби не би се формирала пред три години. Имавме убав процес со оваа екипа во кој уживав, ако може така да се каже за поставувањето на олку тешка тема. Навистина се работи за брилјантно вешто напишан драмски текст, со прекрасна структура каде што работите се одвиткуваат постапно и каде што целиот прв чин ја заведува трагата за што воопшто е оваа драма, рече Бузалковска.

Александар Степанулески, кој е меѓу 14-члената екипа актери, истакна дека во претставата сакале да го следат догме-стилот но, рече, догме-театар е тешко да се прави во догме средина во која сè е соголено до срж. Дејан Лилиќ додаде дека целта на театарот е да освести и очекува „Фестен“ да освести барем мал процент луѓе за тоа што се случува за, како што рече, конечно да си го најдеме зрното на човекот во нас.

-Кога пет пати ќе се повтори една информација, станува нормална, иако не е нормална. Ова зборува за нешто што не е нормално. Во оваа претстава животот е пресликан во театарот, рече Лилиќ.

Актерот Диме Илиев задоволен од процесот на работа во претставата која, рече, можеби му е последна како вработен во Драмски театар. И неговата колешка, пензионираната актерка Лилјана Велјанова, задоволна што повторно е ангажирана од Бузалковска. Рече дека имале возбудлив процес но поради тежината на материјата подготовката била напорна и, рече, бара подолго време отколку неполните два месеца. Во актерската екипа се и: Соња Стамболџиоска, Емилија Мицевска, Димитрија Доксевски, Лазе Манасковски, Ѓорѓи Тодоровски, Тамара Ристоска, Предраг Павловски, Златко Митрески, Дениз Абдула и Анастасија Аневска. Сценографијата е на Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска, а костимографијата на Марија Пупучевска. На новинарско прашање режисерката Бузалковска одговори и дека ДТС, каде што во 1997 како студент ја поставила својата прва претстава, а во 1998 дипломирала на таа сцена, некогаш бил нејзин дом, а подоцна од неестетски причини, како што рече, веќе не бил нејзин дом. Не сакајќи да зборува за тоа каков бил угледот на Драмски театар, и дали тој ќе се врати со оваа претстава, Бузалковска кажа дека додека работи на таа сцена сака да направи нешто кое ќе зборува со јазикот со кој мисли дека Драмски театар треба да зборува. – Една од работите кои некогаш беа карактеристични за ДТС беше откривање актуелни, атрактивни и модерни драмски текстови/предлошки, и читање на нов начин, како и откривање македонски драмски тесктови, дури и кога не се совршени. Мислам дека да се зафатиш со догме, што е на раб на инцидент и на скандал, е во јазикот на Драмски театар и она што тој треба да биде, заклучи Бузалковска.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 14:14