Собранието денеска на продолжение на 65. седница ја заокружи расправата за Предлог законот за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од комунални дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, радиодифузна такса, одржување заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, по скратена постапка.

Се предлага отпишување камати за наплата на долгови за услугите опфатени со законот за кои постојат решенија за извршување издадени од суд заклучно со 25 мај 2006 година, трансферирани кај нотар или извршител.

Според законот, право на отпис на камата ќе оствари секое физичко лице – должник кој ќе изврши уплата на главниот долг и трошоците (судски, нотарски, адвокатски, трошоци на извршување) на постапката во рок од 12 месеца од денот на објавување на Одлуката донесена на Управен одбор на доверителите кои ги отпишуваат каматите за наплатата на долговите кои произлегуваат од предвидените услуги.

Пратениците ја завршија и расправата за Предлог законот за измените и дополнувањата на Законот за нотаријат, со кои, како што стои во образложението, ќе се надминат констатираните слабости на постојниот закон, содржински ќе се преуредат и допрецизираат законските одредби за кои поради нивната недореченост во праксата имаше различно толкување.

– Со овој закон новина е тоа што учесникот во постапката пред нотар има право на слободен избор на нотар со цел да се влијае на спречување на појавата на нелојална конкуренција и да се спречи поголема концентрација на предмети кај одреден нотар. Новитет е и тоа забраната на нотарот да договара и наплаќа спротивно од нотарската тарифа, рече пратеничката од СДСМ Лидија Тасевска.

Со предложените измени на Законот за извршување, за кои исто така се расправаше, треба да се олесни, поедностави, поевтини и зголеми ефикасноста при остварување на правата на граѓаните и правните лица и сите учесници во постапката пред извршител.

Законот ќе предизвика и целосна ревизија на Тарифата за награда и надомест за работата на извршителите и ревизија и усвојување на подзаконски акти.

За трите закони, како што информираше потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, ќе се гласа дополнително.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 14:18