Европскиот Ромски институт за уметност и култура (ЕРИАК) ќе се залага за поблиска соработка меѓу ромските и неромските чинители во уметноста и на културната сцена во Македонија. Ова беше истакнато синоќа на промоцијата на Ромски институт за уметност и култура во Музејот на македонската борба.
ЕРИАК ги охрабри институциите и носителите на одлуки да ја обноват својата посветеност кон признавање на ромското културно наследство.
– Нема социјална инклузија без културна инклузија, иако ромските дискурси остануваат фокусирани на домувањето, здравството, образованието и вработувањето, каде Ромите сé уште се ставени во рамка дека станува збор за ромски прашања или ромски проблеми, изјави директорката на ЕРИАК за Европа, Тимеа Јунгхаус.
Според неа, Македонија е прогресивна држава која ја сфаќа важноста на културата затоа што е меѓу државите кои имала културна компонента во Ромската декада 2005-2015 година и Ромската стратегија 2014-2020 година.
Раководителот на одделот за култура и образование при Германска амбасада во Скопје Катрин Фрухинсфелд повика и Ромите да придонесат кон подобрување на благосостојбата во Македонија.
Градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш изјави дека како општина секогаш ги поддржуваат уметноста и културата и посветуваат време и ресурси за поддршка на „Театар Рома“. Најави дека ќе го возобноват најголемиот амбасадор на ромската култура „Пралипе“ и изрази надеж дека наскоро ќе биде изграден културниот центар во Шуто Оризари.
ЕРИАК е основан со заедничка иницијатива на Советот на Европа, Фондацијата Отворено Општество и Алијансата за европски Роми. Институт ЕРИАК е лансиран пред една година во Берлин како прва европска институција на најголемото малцинство во Европа. Иницијативите за вмрежување на културни институции на Европскиот Ромски институт за уметност и култура (ЕРИАК) се поддржани од германското Министерство за надворешни работи.