Европскиот суд на правдата одлучи дека Грција ќе треба да плати казна од 10 милиони евра и плус 7,3 милиони евра за секое шестмесечно доцнење. бидејќи не ги вратила парите од незаконската државна помош за компанијата „Грчки Бродоградилишта Скараманга“, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за стар случај, односно за неспроведување на одлуката на Европската комисија од 2008 и пресудата од 2012 за враќање на државната помош.

„Грчки Бродоградилишта Скараманга“ е компанија сопственик на трговското и воено бродоградилиште во близина на Атина, специјализирано за изградба на воени бродови. Во 1995 година компанијата е откупена од Грчката банка за индустриски развој, која е во сопственост на државата. Во 2001 таа е приватизирана, а во 2009 година продадена на нов сопственик.

Во периодот меѓу 1996 и 2003 година, Грција одобрила одредени мерки во корист на бродоградилиштето, како на пример средства за дополнителен капитал, обезбедување гаранции и доделување кредити.

Европска комисија Во 2008 година Европската комисија оценила дека овие мерки претставуваат помош што не е во согласност со внагтрешниот пазар на ЕУ и средставта треба веднаш да се вратат.

Грција тогаш тврдела дека тоа може да доведе до банкрот на компанијата и да влијае врз активностите поврзани со воените бродови, а со тоа може да им наштети и на основните интереси на националната безбедност. За да се избегне тоа, Еврокомисијата, Грција и компанијата постигнале договор.

Во 2010 година Комисијата поднесе тужба против Грција за непочитување на нејзините обврски, а на 28 јуни 2012 Судот пресуди дека Грција го прекршила договорот.

Денешната пресуда и санкциите за Грција се поради непочитувањето на оваа одлука.

Грчкиот алтернативен министер за економија на Грција, Стергиос Пициорлас изјави дека пресудата е очекувана и дека „ја оправдува одлуката на Владата за ставање на компанијата под посебен режим на управување“. Тој додаде дека Грција ќе ги исполни обврските во следните шест месеци.

– Пресудата на Судот се однесува на неусогласеноста на нашата земја со одлуката на Комисијата од 2008 година околу државната помош на „Грчките Бродоградилишта Скараманга“ и ја истакнува одговорноста на претходните влади. Рокот од шест месеци за спроведување е признание на фактот дека сегашната Влада веќе ги започна процесите за нормализација, процедури кои ќе завршат во овие шест месеци, истална Пициорлас.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 15:16