Во Струмица денеска и утре се одржува Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Околу 600 ученици од седмо, осмо и деветто одделение, како и ученици од средните училишта се запознаа со овој фестивал, кој 48 години опстојува во Италија.

– Почнал кога директорот на фестивалот имал само 18 години. Решил да прави фестивал во Италија, во гратче кое во тоа време имало околу три илјади жители. Ги убедил своите другари и пријатели да ги соберат столовите од дома и да ги донесат на плоштадот и да проектираат филмови. Денес овој фестивал е најголем во светот посветен на младите, рече Дарко Башески од „Џифони Македонија“.

Фестивалот за отворен во Струмица го прогласи градоначалникот, Коста Јаневски.

– Иако филмовите се главен сегмент на овој културен настан, тој сепак претставува повеќе од филмски фестивал, затоа што истиот го промовира концептот на издигнување на младите генерации преку дијалог, размислувања, идеи и искуства на младите од различни култури и религии, рече градоначалникот Јаневски.

По проектирањето на филмови учениците дебатираа под водство на актерката Оливера Аризанова Мансбарт, која е и ментор на актерската работилница.

Фестивалот „Џифони патува“ во изминатиот период се одржа во Велес, Крушево, Берово, Тетово, Штип, Охрид, Битола и во Прилеп, а до крајот на годинава ќе продолжи во Кочани, Струга и Гостивар.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 15:17