Во Музеј на Град Скопје (МГС) вечер ќе биде отворена изложба „Ослободување“ – мултимедијален проект на Милена Атанасова во кој низ танц, видео и музика авторката раскажува интимна приказна за три клучни периоди од нејзиниот живот.

-Поттикната од љубовта кон танцот, музиката и визуелните уметности, авторката се впушти во проект којшто претставува сублимат на нејзините долгогодишни преокупации и афинитети, своевидно заокружување на нејзиното авторско кредо но, пред сè, психотерапевтско, спиритуално патешествие со кое затвора специфично поглавје од своето битисување. Сосема е разбирливо што Атанасова го избира танцот, нејзина стара љубов, како главно изразно средство – една од најстарите алатки за комуникација, информира МГС.

Милена Атанасова (Кавадарци, 1985) дипломирала моден дизајн на Академијата за уметност и дизајн „Accademia Italiana“ во 2009 година. Оттогаш активно работи како моден дизајнер, моден илустратор, костимограф и стилист. Изложувала на модни ревии и саеми за мода во земјава и во странство.

Атанасова има повеќе колекции, проекти, филмови и реклами, фотоедиторијали…Во 2011 година го основала својот моден бренд „atami“, а оваа година заедно со Емилија Мишева и Илија Стефановски ја основа концептуалната продавница „error kolektiv“, поддржувајќи и промовирајќи македонски дизајн и уметност.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 16:18