Во рамки на Меѓународниот театарски фестивал „Театар во куфер“, денеска во Дом на млади во Штип се одржа симпозиум на тема „Патувачки театар“ – придружен настан покрај шесте претстави на програмата на фестивалот.
Театрологот Ристо Стефановски рече дека патувачки театар во Македонија имало уште за време на Османлиите, а најактивни биле групите кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20 век. Според неговите истражувања, прв директор на патувачки театар во земјава е Димче Трајковски-Скопјанчето, а во неговата група имало штипјани и познатиот актер Петре Прличко.
-Патувачки театар имало уште во турско време и овде во Штип гостувале Ерменецот Балбанов со своја екипа, но тие биле со птици и животни. Во Скопје во турско време имало и посебна зграда. Главно, патувачкиот театар во Македонија почнува со Димче Трајковски и Петре Прличко, рече Стефановски.
На симпозиумот присисуствуваа и студентите од Филолошкиот факултет од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, а за патувачките театри говореа и Христо Петревски, Гоце Ристов, Трајче Кацаров и Кристина Костова.